Линкови за пристапност

Коми: Немаме информации дека Трамп бил прислушуван


На распитот во Конгресот доминираше и прашањето за наводните напори на Русија да влијае на претседателските избори во САД

Директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) и раководителот на Националната агенција за безбедност, адмиралот Мајкл Роџерс, сведочеа пред Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом. Поводот – дали има некаква вистина во тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека неговиот претходник Барак Обама, наредил прислушување на телефонските линии во Кулата Трамп, неколку недели пред изборите во ноември.

„Немаме никаква информација што би ги поткрепила Твитер пораките на претседателот Трамп, во кои се тврди дека Обама го прислушувал во Кулата Трамп во Њујорк“, истакна Коми.

Воедно, „Одделот за правда од мене побара со вас да споделам дека и од нивна страна, одговорот е ист. Одделот нема информација што би можела да ги поддржи Твитер пораките на претседателот“, рече првиот човек на ФБИ.

Коми истакна и дека поради тоа што истрагата за руските напори за мешање на изборите во САД е доверлива, не е во можност, како што кажа, да даде дополнителни информации за тоа што точно правиме и чии активности ги истражуваме.

Тој изјави и дека од Одделот за правда има зелено светло да потврди дека истрагата на ФБИ „вклучува и истрага за природата на каква било поврзаност меѓу поединци од кампањата на Трамп и руската влада, како и тоа дали имало некаква координација меѓу кампањата и руските напори“.

Сведочењето на Коми беше неколку часа откако претседателот Трамп отфрли какава било сугестија дека неговата кампања соработувала со руски интереси, со цел да му помогне да победи на изборите, велејќи дека се работи за изговор „измислен“ од демократите, заради тоа што загубиле на изборите.

Трамп претходно преку серија пораки на Твитер, одби да се повлече по обвинувањата за наводното прислушување од страна на Обама, дури и откако неколкумина претставници, вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дома Пол Рајан, како и влијателни републикански и демократски законодавци од обата дома на Конгресот, изјавија дека нема докази што би ги поддржиле тие тврдења.

XS
SM
MD
LG