Линкови за пристапност

Обвинителството го почна увидот во Универзална сала, засега нема докази за човечки фактор


Тројцата работници кои вчера беа приведени дале изјави во полициска станица и се пуштени. На домашно лекување се пуштени и двете жени кои беа хоспитализирани поради вдишување чад. Политичките партии продолжија со меѓусебни препукувања и обвинувања за уништувањето на еден од симболите на Скопје

СКОПЈЕ – Тимови на Обвинителството денес почнаа со увидот во Универзалната страна која изгоре во вчерашниот катастрофален пожар. Обвинителите заедно со полицијата собираат докази од целосно уништената внатрешност на Универзалната сала, докази кои треба да дадат одговор, како и зошто настана пожарот во кој изгоре еден од симболите на Град Скопје.

Од Обвинителството велат дека детално ќе се пребара и прегледа целиот објект за да се обезбедат сите можни докази кои се останати а судски вештак ќе пресече дали пожарот настанал поради човечки фактор или не.

„Откако локацијата е обезбедена и се создадени неопходни услови, увидни екипи со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денес го започнаа увидот на објектот на Универзалната сала каде вчера изби пожар. Бидејќи се уште трае фазата на прибирање докази, односно до овој момент не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор, вчера во полициска станица беа земени изјави од три задржани лица, по што тие беа пуштени со оглед на тоа што во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување“, стои во соопштението од Обвинителството.

Од МВР пак информираа дека тројцата работници кои беа во Универзалната сала и потоа беа приведени дале изјава и потоа се пуштени на слобода.

Граѓаните кои поминуваа покрај речиси целосно уништената Универзална сала не го кријат разочарувањето.

„ Ова е доказ на негрижата. Ми уништија многу спомени. Можеше да се реновира досега многу пати, но ете. Мора подобро да се грижиме за градот и за државата“, вели постар скопјанец за Гласот на Америка.

Универзалната сала беше затворена и не функционираше речиси девет години и во тој период не беше реновирана. Со градежните работи почна тогашниот градоначалник Петре Шилегов пред самиот крај на мандатот, но континуитет од неговата наследничка Данела Арсовска немаш и работите запреа.

Во септември минатата година, по месеци препукување меѓу Арсовска и Владата, надлежностите ги презеде Министерството за култура а градежните работи почнаа кон средината на февруари.

Пожарот изби вчера околу 9 часот наутро и за само неколку минути пламената стихија целосно ја уништи внатрешноста на објектот. ПОлицијата го запре сообраќајот во централното градско подрачје за да им го олесни пристапот на пожарникарите кои сепак немаа шанси навреме да го изгаснат огнот. Две жени кои беа хоспитализирани поради вдишување на чад се пуштени на домашно лекување.

Штетата од пожарот на Универзална , која допрва ќе се утврди, ќе биде покриена од осигурувањето на објектот

Партиските препукувања на релација СДСМ ВМРО -ДПМНЕ за тоа кој е виновен продолжија и денес а дел од партиите бараат темелна истрага за утврдување на причините за пожарот.

Еден од симболите на Град Скопје и светската солидарност по катастрофалниот земјотрес во 1963 година е Универзалната Сала. Изградена е со донации од дури 35 држави во светот а пуштеа во употреба е на 10 јануари 1966 година. Предвидена како објект за приредби и концерти педесет години беше едно од омилените места на жителите на градот. Во Универзалната сала традиционално се одржуваше детскиот фестивал „Златно славејче“. „Скопскиот фестивал“ и „Џез фестивалот“ а во неа стотици еминентни домашни и странски музичари одржаа концерти во изминатите педесетина години.

XS
SM
MD
LG