Линкови за пристапност

СЈО отвори две нови истраги – „Тарифа“ и „Тенк“


Специјалното Јавно обвинителство денеска преку соопштение ја извести јавноста дека отвори две нови истраги „Тарифа“ и „Тенк“ кои се однесуваат на сомнителен тендер за набавка во ЕЛЕМ и нарачката на поранешниот премиер за купување на автомобил „мерцедес“. Во двете истраги се осомничени вкупно девет лица меѓу кои се двајца поранешни директори на ЕЛЕМ и поранешниот министер за внатрешни работи.

Во „Тарифа“ станува збор за набавка на софтвер за потребите на ЕЛЕМ вреден над четири милиони евра. Софтверот бил набавен преку фирма од Унгарија. Истрагата на СЈО покажала дека набавениот систем во значителен дел не е имплементиран, иако до сега билеисплатени 3,7 милиони евра, а согласно Договорот за јавна набавка, системот требало да се имплементира до февруари 2013 година.

„Постои основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба и овластување на службени и одговорни лица во постапка по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ, при што осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра.Дел од осомничените неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот кој не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра“ стои во соопштението на СЈО.

Во овој случај се осомничени седум лица кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.

Во случајот „Тенк“ истражителите утврдиле дека поранешниот министер за внатрешни работи и уште едно осомничено лице составиле тендер со кој фаворизирале фирма само за да можат да купат автомобил каков што побарал поранешниот премиер.

„Со цел да ја исполнат желбата на тогашниот премиер за набавка на специјален тип на патничко моторно возило, првоосомничената го поттикнала второосомничениот да ја искористи својата службена положба и овластувања и при вршење на јавни набавки, незаконски да повласти – фаворизира определен економскиот оператор и да се набави возило од тој тип.Во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството, било постапено спротивно на член 36 од Законот за јавните набавки и во тендерската документација имало повеќе технички спецификации кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки со цел фаворизирање на определен економски оператор, без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација“, тврдат од СЈО.

Вредноста на купениот луксузен „мерцдес“ е 572 илјади евра а двајцата осомничени ќе одговараат за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Засега од Обвинителството нема најави дали ќе бараат било какви мерки на претпазливост за осомничените во овие две нови истраги.

XS
SM
MD
LG